Книжевниот центар „Антолог“ бележи 25 години од основањето, а во периодот од 30 септември до 3 октомври ќе се одржи јубилејното 10. издание на фестивалот на европска литература „Букстар“ под слоганот „Метаморфози“ во „Лабораториум“.
Фестивалот „Букстар“ ја објави целосната програма за десетото издание и таа вклучува голем број атрактивни настани и импозантни авторски имиња од различни европски држави – Јон Калман Стефансон (Исланд), Алесандро Барико (Италија), Кристијан Новак (Хрватска), Здравка Евтимова (Бугарија), Жозе Луиш Пејшото (Португалија), Игор Маројевиќ (Србија), Паола Перети (Италија), Фарук Шехиќ (Босна и Херцеговина) и Мирженка Чехова (Чешка). Автор во фокусот од Македонија е Румена Бужаровска која ќе го прогласи фестивалот за отворен, но во програмата учествуваат уште четириесетина македонски писатели, универзитетски професори, критичари, музичари и друг вид претставници од издавачкиот и од културниот сектор.