Погребот на папата Франциск ќе се изврши најдоцна за девет дена, а во рок од еден месец ќе биде свикана конклава за избор на неговиот наследник, соопшти Ватикан, цитиран од италијанската новинска агенција АНСА.
Папскиот погреб традиционално е сложен процес, но папата Франциск неодамна ги одобри плановите за поедноставување на целата процедура за неговиот погреб, јавува Би-би-си. Погребите на врховните поглавари на Римокатоличката црква, по традиција, вклучуваат три ковчези – направени од чемпрес, олово и даб, но папата Франциск избра да биде погребан во едноставен дрвен ковчег обложен со цинк.