По иницијатива на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, почнува акција за дистрибуција на примероци од Правописот на македонскиот јазик во сите основни училишта низ државата.
Јовица Никчевски, директор на Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во објава на социјалните медиуми сподели дека при вршење попис на дел од капиталните проекти кои се наоѓаат моментално во Библиотеката, утврдиле дека меѓу нив се наоѓаат и повеќе од 2600 примероци од Правописот на македонскиот јазик (второ издание, 2017 година). „По извршен увид во архивата и документацијата на Библиотеката утврдивме дека во 2018 година НУБ аплицирала и добила проект од областа на заштитата на културното наследство (библиотечна дејност) од национален интерес од Министерството за култура за Правописот на македонскиот јазик во вредност од 1 400 000 денари со цел исплата на еднократен надомест на носителите на правата на Правописот“, стои во објавата во која понатаму се вели дека согласно проектот НУБ требало веќе испечатените примероци кои ги добила да ги дистрибуира до сите јавни установи и институции во Република Македонија каде што е потребно.