Постојаните претставници на ЕУ на вчерашната средба во Брисел едногласно донеле одлука за почеток на преговори со Албанија за нејзино членство во ЕУ, објави бугарското национално радио . Tоа, де факто, значи одвојување на Албанија и Македонија во процесот за пристапување во ЕУ. Почетокот на преговорите ќе се официјализира на 15:ти октомври во рамките на меѓувладината конференција ЕУ – Албанија во Луксембург, по што ќе се отворат поглавјата од кластерот 1 „Основни вредности“.
Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (Корепер) донел одлука Албанија да ги започне преговорите за членство со ЕУ по поглавја, со што би била одвоена од земјава на европскиот пат, тврди бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во Советот на ЕУ. ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот, но понатамошниот преговарачкиот процес по поглавјата беше запрен – за земјава поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот, а за Албанија поради блокада од Грција, по приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите.