Демократската унија за интеграција цени дека премиерот на Владата без етнички легитимитет, во недостиг на аргументи, продолжува да клевети и да создава непостоечки ситуации кои служат за моментален дефокус за да се извади од срамните секојдневни ситуации, соопштија попладнево од опозициската партија.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека за ДУИ ветингот е ставот, но позади завесата е тефтерчето од Мала Речица од каде доаѓаат одлуките, при што потенцираше дека започнуваат реформите во судството и обвинителството и тие конечно ќе бидат ослободени.
Премиерот на Владата без етнички легитимитет Христијан Мицковски и по цели 12 часа не ги објави своите тврдења за СМС пораки што наводно ги примил од високи функционери од редовите на Демократската унија за интеграција, велат од ДУИ.