Демократската унија за интеграција (ДУИ) продолжува со серија прес-конференции да изнесува тврдења за корупциски скандал во кој, според партијата, српско-бугарска коцкарска компанија „го спонзорирала“ првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Откако пред два дена портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, говореше за договорот за основање на трговското друштво, обвинувајќи дека е во спротивност со одредени членови од Законот за коцкање, денеска ексминистерот за економија и член на раководството на ДУИ, Крешник Бектеши, излезе со нови тврдења, кои, како што кажа, го разоткриваат „целиот криминал“ на коцкарскиот монопол во државата под контрола на српско-бугарската приватна компанија.