Кина објави дека ќе го прошири безвизниот влез во уште 9 земји, меѓу кои и Македонија, во обид да го поттикне туризмот и деловните патувања за да помогне во заживување на економијата.
Почнувајќи од 30 ноември, патниците од Северна Mакедонија, Бугарија, Романија, Малта, Хрватска, Црна Гора, Естонија, Латвија и Јапонија ќе можат да влезат во Кина до 30 дена без виза, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џиан, јавува AP. Со тоа, бројот на земји на кои им е одобрен безвизен пристап од минатата година ќе се искачи на 38. Се чини дека додавањето на Јапонија ја одразува недамнешната подготвеност на Кина да ги подобри врските, кои делумно се влошија поради пожестоките разговори од Токио за тајванското прашање.