Владата следната недела ќе донесе Одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му се отстапи на Министерството за здравство како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во пожарот во Кочани.
Во овие моменти, кога Кочани и цела Македонија сè уште ја чувствуваат болката од трагедијата што ја потресе нашата држава, Владата останува посветена на тоа никој да не биде оставен сам.
Владата во текот на следната недела ќе донесе одлука со која одморалиштето Пониква, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, ќе се стави на располагање на Министерството за здравство, за да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација, информира денеска владината портпаролка Марија Митева.
Од понеделник (9 јуни), Владата воспоставува директна телефонска линија – 070 355 526 за повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства, преку која ќе можат да ги изнесат своите барања и потреби.