Бројот на загинати во Мјанмар по вчерашниот голем земјотрес со интензитет од 7,7 степени по Рихтеровата скала се искачи на 1.002, додека 2376 се повредени, а 30 се водат како исчезнати, објавија денеска државните медиуми.
Американскиот геолошки институт на својата веб-страница напиша дека илјадници луѓе најверојатно загинале во Мјанмар по разорните земјотреси, со оглед на очигледната јачина на земјотресите.
Најмалку едно лице загина, а 50 други се повредени откако висококатница во изградба се урна во Бангкок по силниот земјотрес што во петокот го погоди соседен Мјанмар, соопштија тајландските власти.
Со Мјанмар од државниот удар во 2021 година управува воена хунта, што го отежнува пристапот до информации, јави Би-Би-Си. Државата ги контролира речиси сите локални радио, телевизија, печатени и онлајн медиуми.