Европскиот парламент го одобри барањето на Белгија за пакет помош во вредност од 8 милиони евра преку Европскиот фонд за прилагодување кон глобализацијата за отпуштените работници (ЕГФ), за поранешните вработени на пропаднатата белгиска автомобилска компанија „Ван Хол“.
Европската автомобилска индустрија се соочува со невиден притисок од надворешни и внатрешни предизвици, како што се нарушување на конкуренцијата и високите трошоци за енергија, се наведува во одлуката на ЕП. Компанијата „Ван Хол“, која произведуваше автобуси, тролејбуси и приколки, прогласи банкрот во април 2024 година, по драстичниот пад на продажбата предизвикани од пандемијата на ковид-19, последиците од руската агресија врз Украина, растот на инфлацијата и нарушувањата во синџирите за снабдување.