Справувањето со недостигот на работна сила е сѐ позначаен предизвик во Северна Македонија и вклучува мерки кои ќе го помогнат вработувањето на невработените лица и ќе ги подобрат условите за работа и продуктивноста.
Препораките за справување со овој предизвик се дел од студијата, изготвена од Меѓународната организација на трудот (МОТ). Студијата, која содржи длабинска анализа на пазарот на трудот во Северна Македонија, како и предлог системски решенија и политики во оваа област, беше презентирана на конференцијата на која присуствуваа министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, директорката на МОТ за Централна и Источна Европа, Клер Харасти, и регионалната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, а на која активно учество земаа и претставници на работодавачите, синдикатите, академската и бизнис заедницата.