Пратеничката група на Левица, преку пратеникот Борислав Крмов (како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања) ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Одлуката за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е во надлежност на Собранието, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Засега не се исполнети законските услови за Собранието да покрене постапка за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.