Натпреварувачка комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го регистрираше денеска натпреварот меѓу Воска и Вардар од 28. коло во Прва македонска фудбалска лига, со службен резултат од 0:3. Одлуката доаѓа откако прволигашкиот натпревар не го дочека својот крај во саботата кога при резултат 1-1, фудбалерите на Воска го напуштија теренот незадоволни од судиска одлука.
Раководството на Воска се закани со истапување од Првата лига по прекинатиот дуел со Вардар, што не се доигра откако охридскиот клуб реши да се повлече од теренот по постигнатиот израмнувачки погодок на гостите од Скопје.