Зголемување на коефициентите на сложеност по работно место за 10 проценти, а дополнително и за 0,7 проценти, преку заеднички анекс на Колективниот договор како системско решение за исплата на платите на вработените во културата за кои доцни исплатата на мартовската плата, предлага Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Претседателот на СОНК Јаким Неделков денеска на прес-конференција ги повика директорите да не постапуваат според новите упатства од Министерството за култура и вработените да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата коишто им се доставуваат од вчера, најавувајќи дека ќе ги обжали во случај да бидат потпишани.
Од министерството за финансии уверуваат дека во тек е постапката за пресметка и исплата на платите на вработените во институциите од секторот култура и дека платата ќе биде исплатена по доставување на пресметките соласно закон.