Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и за претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив има распишана внатрешна потерница, пишува Кликс.ба. Судот на БиХ го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево, а за да биде ефективна, меѓународната потерница треба да биде одобрена од централата во Лион.
Додик беше осуден откако беше прогласен за виновен за кривичното дело неизвршување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница.
Авионот на Владата на Република Српска денеска полета од Бања Лука за Белград, од каде по кратка пауза се упати директно кон Израел, каде деновиве ќе престојува лидерот на босанските Срби, Милорад Додик по кого босанскиот суд издаде потерница.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, престојува во Израел, а додека тој даваше изјава во Кибуц Бери, се случи напад, најверојатно од Газа, кога беа лансирани два проектила.