Уште еднаш препорачувам смиреност, да ги слушаме упатствата од цивилната заштита и посакуваме појавата брзо да заврши, а островот целосно да се врати во својот нормален ритам, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Санторини, јави дописничката на МИА од Атина.
Општина Тира на Санторини прогласи вонредна состојба поради земјотресите што ги погодија Кикладите, меѓу Санторини и Аморгос, објави Прототема.
Во периодот од 1 часот по полноќ, заклучно со 9 часот утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос беа регистрирани 22 земјотреси со јачина од над четири степени, согласно достапните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а се по синоќешниот од 5,2 степени, што воедно беше и најсилниот во серијата земјотреси во изминатите денови, јави дописничката на МИА од Атина.
Поради зголемената сеизмичка активност, со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита на Грција Василис Папагеоргиу, на Санторини е прогласена вонредна состојба, додека од општината објаснија дека станува збор за „чисто административна одлука со цел забрзување на потребните процедури за преземање итни и ефективни мерки“, јави дописничката на МИА од Атина.