Според синоќешните најави, денеска се очекува да се нормализира автобускиот сообраќај во Скопје, откако вчера Владата донесе одлука на јавното сообраќајно претпријатие да му позајми нафта за следните седум дена од државните резерви.
Нафтата од државните резерви е на пат кон базните станици на Јавното сообраќајно претпријатие и се очекува утре изутрина да има нормализиран автобускиот превоз во Скопје, најави пред вонредната седница на Советот на Градот Скопје советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски.
Координаторите на советничките групи на Советот на Град Скопје, вечерва, на 15. вонредна седница постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.