Plusinfo
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице, поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, за сторени кривични дела примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата, како и едно физичко лице во својство на сопственик и управител на правен субјект од Скопје за сторено кривично дело давање поткуп.
„Првопријавениот П.М, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од 09.06.2021 година заклучно со 13.06.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П. и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија, а второпријавениот го сторил кривичното дело давање поткуп по член 358 став 1 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од Управата за финансиска полиција. Plusinfo