Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ф. сопственик на четири фирми поради основано сомнение дека затајувал данок.
Како што информираат од финансиската полиција Б.Ф. во својство на сопственик и управител на второпријавеното правно лице Друштво за производство, транспорт, трговија и услуги БИБАЈ ГРОУП ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, управител на третопријавеното правно лице Друштво за производство, транспорт, трговија и услуги БИБАЈ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице Друштво за транспорт, трговија и услуги Про Тире ДООЕЛ експорт-импорт Тетово и сопственик и управител на петтопријавеното правно лице Друштво за трговија и услуги РАЕН ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, во период од 2013 до 2023 година, извршил серија на истородни противправни дејствија со цел намалување на даночната основа за пресметка и плаќање на данокот на добивка, со кои дејствија го сторил кривичното дело “Даночно затајување” од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ, на начин што: „Првопријавениот Б. Ф во име и за сметка на второпријавеното правно лице Друштво за производство,транспорт, трговија и услуги БИБАЈ ГРОУП ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, од банкарската сметка на правното лице, во текот на 2022 и 2023 година, префрлил парични средства кон себе како физичко лице на име дадени позајмици во вкупен износ од 3.698.630 денари, а кои средства не биле вратени во законски предвидените рокови за враќање и истите не ги евидентирал во даночните биланси како непризнаени расходи за даночни цели, односно не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10% во вкупен износ од 369.863 денари, како ине извршил отпис на ненаплатени, неотужени и застарени побарувања од купувачи во земјата и побарувања по основ на дадени позајмици постари од 3 години, со што за износот од 46.740.281 денари не пресметал, не пријавил и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10% во износ од 4.674.028 денари, како и примените позајмици од третопријавеното правно лице Друштво за производство, транспорт, трговија и услуги БИБАЈ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово во вкупен износ од 30.865.886 денари, кои биле примени пред 2020 година, не ги вратил и не ги отпишал, постапувајќи спротивно на член 363 од Законот за облигациони односи, според кој истите се застарени и треба да се отпишат и приходуваат по истекот на третата година, со што не извршил зголемување на приходот во билансот на успех и прикажал помала даночна основица во поднесената завршна сметка и даночниот биланс за данок на добивка во висина од 30.865.886 денари, на кој износ не е пресметан и платен данок на добивка по даночна стапка од 10% во висина од 3.086.588 денари.