Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2024/2025 година на 20 најдобри студенти кои своето образование ќе го продолжат на Eвропскиот кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ КОЛЕЏ во Солун, Грција.
Во своето обраќање на настанот, претседателката Сиљановска Давкова рече дека студирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ КОЛЕЏ во Солун, е вистински интелектуален и животен предизвик за секој млад човек решен да го продлабочи знаењето, да ги прошири видиците надвор од татковината, витешки да се натпреварува и да другарува со младите од различни држави и култури, да учи од еминентни професори, да се усовршува и облагородува.