Министерката за надворешни работи на Австрија Беате Мајнл-Рајзингер денеска го прими својот колега од Северна Македонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во Виена, соопшти австриското МНР.
Дискусијата, како што се посочува, била фокусирана на поддршката по катастрофалниот пожар во дискотека во Кочани, во Северна Македонија, како и на блиските билатерални односи и натамошните чекори во процесот на проширување на ЕУ. По трагичниот пожар во Кочани, се посочува, министерот за надворешни работи Муцунски побара од Австрија помош за згрижување на повредени со изгореници, при што Австриската федерална влада евакуираше шест тешко повредени во Виена и Грац на интензивна медицинска нега.