Kanal5
Бугарскиот министер додаде дека позицијата на Софија е кристално јасна и таа нема да го смени својот став, ниту има нешто кое ќе го побие европскиот консензус постигнат во 2022 година за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, зад кој, како што вели, стои целата ЕУ. Вчера високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, истакна дека ако се погледне на мапата, Западен Балкан географски е во Европа и затоа земјите од тој регион треба да бидат во Европската Унија, што го прави процесот на проширување многу важен и треба да продолжиме со него.
На прес-конференцијата по завршувањето на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, каде синоќа се одржа и неформална вечера на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата и на државите од ЗБ посветена на безбедноста и одбраната, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, Калас истакна дека е јасно оти стабилноста и безбедноста на регионот е од суштинско значење, а најдобар начин за намалување на тензиите е сите земји од Западниот Балкан да се вклучат во ЕУ. - Тогаш ќе има помалку тензии, затоа што Европската Унија е мировен проект и работи на смирување на тензиите меѓу тие земји, рече Калас, додавајќи дека пораките се многу јасни, бидејќи и анкетите покажуваат дека поддршката за ЕУ во државите од регионот е генерално многу висока. Kanal5