Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела, оцени поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска откако вчера претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, беше осомничена во случајот АДИТИВ.
Поранешната прва антикорупционерка, Билјана Ивановска, во синоќешното гостување на Вин Вин на Телма, рече дека ѝ е многу тешко за ДКСК и за нејзиното реноме бидејќи, како што додаде, во институцијата е вложен многу труд за да биде изградена, но и за да се изгради довербата кај граѓаните дека постои независно тело до кое може да се обратат, да достават претставки или да поднесат предмети.