Пет дена по обвинението претседателката на Антикорупциска е недостапна и сè уште не се огласила ниту за кривичните дела ниту за повиците за оставка.
Власта ќе чека Димитровска сама да поднесе оставка од челната позиција на Антикорупциската комисија како морален чин откако во петокот таа беше обвинета за две дела: оддавање на службена тајна во случајот Адитив и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.
Пратеничката група на Левица попладнево соопшти дека преку пратеникот Борислав Крмов како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.