Пратеничката група на Левица, преку пратеникот Борислав Крмов (како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања) ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека претседателката Татјана Димитровска не доаѓа на работа, но дека Собранието е институцијата која носи одлука за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.
Татјана Димитровска, сѐ уште е актуелна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која од април годинава се сомничи за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“.