Пет дена по обвинението претседателката на Антикорупциска е недостапна и сè уште не се огласила ниту за кривичните дела ниту за повиците за оставка.
Собранието на Република Северна Македонија е институцијата која носи одлука за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.
Пратеничката група на Левица попладнево соопшти дека преку пратеникот Борислав Крмов како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.