Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Тирана, Албанија каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Таа ќе се обрати на пленарната сесија на тема: „Поттикнување на стабилноста и просперитетот преку регионална соработка и интеграција во ЕУ“, како и на заедничката прес-конференција со албанскиот и со бугарскиот претседател, Бајрам Бегај и Румен Радев, во својство на претседатели на државите коишто се претходен, актуелен и иден претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Zoom
На Самитот ќе учествуваат и министрите за надворешни работи: на Турција, Хакан Фидан, на Грција, Јоргос Герапетритис; на Романија, Емилиан Хоратиу Хурезеану; државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, Фрањо Матушиќ; генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато.
Во рамки на работната посета на Албанија, Сиљановска-Давкова во Тирана ќе оствари средба со претставници на македонското национално малцинство во Албанија, на Македонската алијанса за европска интеграција, на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како и со македонски дипломати и професори. Republika