Европската Унија започна со евакуација на пациенти со тешки изгореници по разорниот пожар во ноќен клуб во Кочани, Северна Македонија, во кој загинаа 59 лица, а над 155 се повредени, соопшти денеска Директоратот за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија (ECHO). Во првите часови по несреќата, Центарот за координација на итен одговор на ЕУ стапи во контакт со властите за цивилна заштита во Македонија, изразувајќи солидарност и поддршка, се наведува во соопштението.
Европската комисија соопшти дека Македонија го активирала системот за цивилна заштита на ЕУ, и побара помош за пренесување на 15 пациенти со тешки изгореници.