Израелските власти побараа од претседателот на Република Српска, Милорад Додик да ја напушти конференцијата за антисемитизам во Ерусалим, откако по него беше распишана меѓународна потерница, објавија денеска израелските медиуми, пренесува Данас.рс. Во написот на весникот „Израел Хајом“, кој го пренесоа сараевските медиуми, се наведува дека израелските власти „јасно му ставиле до знаење на Додик дека не е добредојден на настанот, што го принудило да го напушти местото на настанот“.
Авион на Владата на Република Српска слета утрово на аеродромот во Белград и во него според српски босански медиуми, се наоѓа претседателот на РС, Милорад Додик, јави МИА од Белград.
Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и за претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив има распишана внатрешна потерница, пишува „Кликс.ба“.
Авионот на владата на Република Српска, кој синоќа околу 22:30 часот полетал од Израел, слетал во Белград денеска околу 1:20 часот.