Израел и Хамас синоќа постигнаа начелен договор за размена на заложници и во моментов работат во Доха на финализирање на деталите од договорот, изјавија двајца арапски претставници за „Тајмс оф Израел“.
Палестинската милитантна група Хамас го прифати нацрт-договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и за ослободување на десетици заложници, изјавија двајца неименувани претставници вклучени во преговорите во Доха.
По разговорите во Доха на кои присуствуваа шефовите на израелските разузнавачки служби, пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, претставник на администрацијата на Бајден и премиерот на Катар, беше изготвен документ и понуден на потпис на Израел и Хамас, објави белградска Политика.
Израелската влада се надева на брз заклучок на индиректните преговори со Хамас за ослободување на заложниците во Појасот Газа и ослободување на палестинските затвореници кои ги држеше Израел, изјави владиниот портпарол.