Списокот со имињата на израелските заложници што ќе ги објави Хамас во првата фаза од планираниот прекин на огнот меѓу групата и израелската армија ќе биде достапен наскоро, изјави денеска неименуван член на Хамас, додавајќи дека причината за доцнењето на листата е од техничка природа.
Договорот за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел ќе стапи во сила в недела, во 8:30 часот по локално време, објавија властите на Катар – земја која беше активен учесник во договорите за примирје помеѓу завојуваните страни.
Лидерите на Г7 го опишаа договорот за прекин на огнот во Газа како „важна вест“ и ги повикаа Хамас и Израел да работат на неговото „целосно спроведување“.
Коалициската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа по полноќ го одобри договорот за прекин на огнот со Хамас и ослободување на заложниците држени во Појасот Газа во замена за палестинските затвореници, откако претходно беше одобрен и од безбедносниот кабинет.