Стартот на 24. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) носи и големо дерби помеѓу екипите на Вардар и Шкендија (15 часот), кои заедно досега имаат освоени 15 шампионски титули (11-4). Натпреварот се игра на стадионот во склоп на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ и очекувањата се дека ќе биде неизвесен и до крај драматичен, без разлика што станува збор за дуел на тимови од врвот и дното на табелата.
Тетовци се лидери и тоа со четири бодови предност пред Силекс, додека црвено-црните се во добра серија со три победи и две нерешени во последните пет пресметки во сите натпреварувања.