Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и средни димензии, изработени во дрво: UV84DC (UW84DC) и Во шумата (Дух, Мечка, Мала мечка, Лилјак и Ѕвер / In the Woods (Ghost, Bear, Small Bear, Bat, Beast)), нерѓосувачки челик: Одење (Tread), и глазирана керамика: Сочинето од ова (Made of This), создадени главно во текот на оваа и минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата Notes на iPhone: Втор мотив (Second Motif). Доследен на својата работна метода, која се одликува со систематски пристап кон материјалот и јасни процедури преку кои материјалот го трансформира во форма, односно во визуелна интерпретација на меандрирачка содржина, и чиј исход е естетизиран предмет со извонредна и софистицирана едноставност, исполнет со значења и асоцијации, со отворени детали за тоа како и од што е направен – Дикон и во новосоздадените серии скулптури продолжува да ги истражува динамичните корелации меѓу формата и перцепцијата, внатрешното и надворешното, масата и просторот, односот меѓу длабочината, површината и структурата, апстрактното и (не)посредното, „фикцијата и фактот“ (RD), како и корелациите меѓу автономијата на зборот и неговите двосмислености од една страна, и од друга страна скулпторската форма како таква и нејзиното преведување во асоцијација, вербален опис, односно формулирање на нејзините можни значења, пишува проф. д-р Јасмина Чубрило Ричард Дикон е роден во 1949 година во Бангор, Велс, Обединетото Кралство, а живее и работи во Лондон.