Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави кривична одговорност за полицискиот службеник по чија наредба не е казнет братот на градоначалникот на општина Гази Баба кој возел побрзо од дозволеното и наместо него е казнет сосема друг граѓанин кој воопшто нема врска со сторениот прекршок.
Јавното обвинителство и надлежните институции веднаш да отворат истрага за постапките на полицијата и за евентуалната вмешаност на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски во скандалот поврзан со неговиот брат кој дивееше по скопските улици, побараа денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Според СДСМ, овој случај го потврдува нивното тврдење дека за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните роднини не важат законите.
СДСМ денеска објави видео снимка за која тврди дека е од полициски радар на кој се гледа како братот на градоначалникот на Гази баба, Борче Стефковски, вози со преголема брзина, а при тоа полицијата не го казнува.