Според синоќешните најави, денеска се очекува да се нормализира автобускиот сообраќај во Скопје, откако вчера Владата донесе одлука на јавното сообраќајно претпријатие да му позајми нафта за следните седум дена од државните резерви.
Градот Скопје вечерва ја поздрави одлуката на Владата со која, како што наведуваат, конечно се докажа дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает и дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните.
Нафтата од државните резерви е на пат кон базните станици на Јавното сообраќајно претпријатие и се очекува утре изутрина да има нормализиран автобускиот превоз во Скопје, најави пред вонредната седница на Советот на Градот Скопје советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски.
Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.