Бројот на севернокорејски војници убиени и повредени во војната со Украина најверојатно надмина 3.000, вклучувајќи околу 300 мртви и 2.700 ранети, изјави денеска јужнокорејски пратеник, повикувајќи се на информации од тамошната разузнавачка агенција.
„Се чини дека севернокорејските власти ги повикале своите војници да се самоубијат за да избегнат заробување“, рече пратеникот, цитирајќи ја јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС). Заробените севернокорејски војници не покажале намера да дојдат во Јужна Кореја, иако Јужна Кореја би соработувала со Украина доколку има барање, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на разузнавачката служба.