Палестинската милитантна група Хамас ја осуди одлуката на Израел да го одложи ослободувањето на палестинските затвореници, велејќи дека тврдењето на израелските власти за „понижувачките“ церемонии за предавање на заложниците на Хамас е лага и изговор за избегнување на обврските што произлегуваат од договорот за прекин на огнот во Газа.
Израел се очекува утре да ослободи вкупно 602 палестински затвореници од израелските затвори, откако палестинската милитантна група Хамас ослободи шест израелски заложници од Појасот Газа, соопшти денеска Канцеларијата за медиуми на палестинските затвореници (АСРА). Во соопштението се наведува дека утре ќе бидат ослободени 50 палестински затвореници кои беа осудени на доживотен затвор, 60 осудени на долги казни, 47 кои беа повторно уапсени откако беа ослободени во рамките на размената на затвореници во 2011 година, како и останатите 445 затвореници од Појасот Газа кои беа уапсени по нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври 2023 година, јави Ал Џезира, пренесува Танјуг.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари денеска изјави дека киднаперите од палестинската милитантна група Хамас ги убиле децата Ариел и Кфир Бибас „со голи раце“ неколку недели по нивното киднапирање на 7 октомври 2023 година, во јужен Израел, и чии тела му беа предадени на Израел во четвртокот.
Едно од четирите тела што вчера беа вратени од Газа во Израел не е на заложникот Шири Бибас, како што тврдеше Хамас, соопшти израелската војска, пренесува Би-би-си. Веста дека Шири Бибас (33) и нејзините синови Ариел и Кфир, кои сега би имале пет и две години, се мртви, предизвика бран тага во Израел.