Стотици илјади студенти и граѓани се собраа вчера во центарот на Белград на протестот „15 за 15“, на кој повикаа студентите во блокада поради неправди и корупција, додека власта се бори да го запре повеќемесечниот бес инициран откако во ноември лани се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 15 луѓе, јави МИА од Белград.
Граѓани од цела Србија во саботата наутро се упатија кон Белград на покана од студентите во блокадата за да учествуваат на големиот митинг „15. за 15“, антивладин протест на кој се бара одговорност за несреќата на железничката станица во Нови Сад и поправедно и подобро општество без корупција.
Иако дел од студентите во блокада најавија промена на локацијата на одржување на протестот во 16 часот поради безбедносни причини, па наместо пред српскиот парламент, тој да се одржи на плоштадот „Славија“ во центарот на Белград, сепак протестот ќе се случи на првично предвидената локација, односно на платото пред законодавниот дом.
Додека граѓаните се собираат во центарот на Белград за да одржат голем протест со студентите, српскиот претседател Александар Вучиќ замина на другата страна на градот.