Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски соопшти дека вчера од страна на премиерот Христијан Мицкоски и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки.