Ќулавкова, која е позната по застапувањето на ставовите од националниот спектар во општеството, го оцени ова како „руски рулет“ за Македонија, бидејќи македонскиот јазик е веќе признат факт во науката, политиката и културата.
Во реакцијата на Фејсбук Ќулавкова напиша: „Предлогот за заедничка резолуција на Македонија со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик, сугериран од г. Антонио Милошоски, ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесуира официјално од македонските државни институции, од повеќе причини: – Македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои предкодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови; — Македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки; – Македонскиот јазик е признат од ОН уште од самото нивно основање; – Македонскиот јазик беше и е признаен од две третини најмалку од постојните држави во светот; – Македонскиот јазик е признаен во меѓународните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.) – Од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори; – Македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор; – Македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија; – Постојат бројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот; – Македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање“, пишува Ќулавкова. Nezavisen