Од околу два часа колку што е сега потребно да се стигне од Ресен до грчката општина Преспа, со новиот граничен премин Маркова нога – Лемос, чија изградба и официјално започна од двете страни на границата, времето за патување ќе се намали на 40 минути, јави дописничката на МИА од Атина.
Работите во проектот БорПрес2 од македонска страна официјално започнаа во март, додека, пак, вчера во општина Преспа беше означен почетокот и на грчка страна, со настанот „Гранична станица Преспанско Езеро: Воспоставување на граничен премин меѓу Грција и Република Северна Македонија на областа Преспанско Езеро“, на кој присуствуваа министрите за внатрешни работи на двете земји Панче Тошковски и Теодорос Ливаниос, амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, како и претставници на локалните самоуправи.