Македонија е предводник меѓу балканските земји, па еден дел од проблемите во царинската соработка потекнува од тоа што нивото на дигитализација на царинското работење во Македонија е повисоко од она на земјите од Западен Балкан, па има проблем во поврзувањето со нив.
Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ на Стопанската комора на Северна Македонија, гости кај претседателот Бранко Азески беа проф. д-р Ирена Кикеркова од Економскиот факултет при УКИМ Скопје и советникот на претседателот на Стопанската комора и претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора, проф. д-р Дарко Лазаров од Економскиот факултет при УГД Штип, кои се осврнаа на почетоците на соработката со Стопанската комора и на соработката со претседателот Азески, кој ги вклучил во активностите на Комората користејќи ги нивните методолошки и научни знаења и искуства за состојбите во економијата, ставајќи ги во функција на бизнисот и на поддршката на нивните извозни активности.